Трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали што ќе значи намалени увозни давачки за домашните компании. Со укинувањето на тарифите се намалуваат трошоците за производство со што се влијае на зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Овој Закон придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и зголемување на вработеноста.
Со намалувањето на царинските стапки на суровини или репроматеријали кои се користат во технолошко напредното производство, исто така директно ќе се помогне во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 и 2021 година забележаа сериозен пад во индустриското производство.
Во услови на пандемија и отежнато работење на компаниите од преработувачката индустрија, намалувањето на царинските стапки на одделни суровини и репроматеријали ќе ги олесни условите за работење на овие компании и ќе овозможи да се зголеми нивната конкурентност на пазарот.
Со Законот опфатени се суровини и производи кои не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Република Северна Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската унија. Со намалувањето на увозните давачки – царинските стапки на ниво од ЕУ, висината ќе се приближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската унија, што значи ќе се овозможи да се подобри конкурентноста на домашните компании и ќе има поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.