Оригинален рецепт за ванилици: Еве како да ви останат ванилиците бели и по печењето

|

Секоја домаќинка многу добро знае дека старинските колачи, по рецептите на нашите баби и прабаби, прилично е тешко да се приготват. Истото важи и за домашните ванилици.

Сетете се само колку пати сте ги јаделе, а колку ретко сте си помислиле дека се токму такви какви што ги правела вашата баба.

Тајната што ја крие рецептот за совршени домашни ванилици лежи во тоа тестото да остане светло и по печењето, односно да не зарумени.

Овој старински, оригинален рецепт ќе ви ја открие таа мала слатка тајна – како ванилиците да се топат во уста, а да не остават вкус на препечено тесто.

Состојки:

250 г маст или путер, 500 г брашно, 4 јајца, 100 г мелени ореви, лимон, малку џем од кајсии, 250 г шеќер, шеќер во прав.

Приготвување:

Пенесто изматете ги маста или путерот, додајте една жолчка и едно цело јајце, шеќер и сок од цел лимон. Сипете брашно и замесете тесто, па расучете кора со дебелина од 5 милиметри.

Ванилиците вадете ги со помал калап или со некоја мала чаша.

Секоја ванилица потопете ја во изматен снег од две белки и посипете ја со мелени ореви. Редете ги во подмачкан плех и ставете ги во врела рерна да се печат, но внимавајте да останат со бела боја, односно да не заруменат.

Кога ќе се испечат, секоја од нив премачкајте ја со џем и да ги споите по две. Додека ванилиците сè уште се топли, извалајте ги во шеќер во прав.