Единицата за економски и компјутерски кри минал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Н.М.(50) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Пријавената, во својство на службено лице во Центар за вработување при Агенција за вработување, на 18.01.2021, без правна основа, изготвила и со свој потпис и со печат на Центар за вработување заверила обрасци за пријава на работа на странци на територијата на Република Северна Македонија на правно лице од Скопје. Со ваквото постапување таа легализирала нелегален престој и работа на пет лица странски државјани во времетраење од 90 дена, без да добијат дозвола за легален привремен престој заради работа на странец, дозвола за работа, како и без да засноваат легален работен однос според законската регулатива на државата.
Исто така, пријавената со ова дејство му овозможила на правното лице да избегне плаќање на давачки по основ на персонален данок на доход и плаќање на давачки за придонеси по основ на задолжително социјално осигурување во вкупен износ од 95.805 денари за кој износ е оштетена државата.