Беким Сали најавува дека од следната недела преку матичните лекари ќе се испраќаат покани до ризичните групи на граѓани со цел тие да се имунизираат.
– Моментално како најризична група ги гледаме граѓаните над 70 години, како и оние под 70 години со коморбилитети. Затоа од следната недела преку матичните лекари ќе испраќаме покани за имунизација на оние граѓани кои се во потенцијален ризик, изјави вечерва Сали за централниот Дневник на телевизија „Сител“.
Се надева дека овие покани ќе резултираат со голем одѕив за имунизација.
– Како Министерство уште од самиот почеток водиме полиберална форма на политика против кризата, затоа што сметаме дека секој поединец има право да одлучи дали ќе се имунизира или не. Иако сметаме дека во некои околности би требало да инсистираме на имунизација. Не велам тоа да биде рестриктивно, задолжително, меѓутоа треба да инсистираме, рече Сали, додавајќи дека засега имунизацијата е единствениот начин на заштита и дека штити од потешка форма на болеста.
Шт се однесува до рестриктивните мерки, министерот кажа дека засега остануваат сертификатите како задолжителна обврска во моловите и угостителските објекти затоа што процентот на имунизација во земјава е се уште низок за да може да се размислува за вакви олеснувања.