Денес ги славиме Преподобен Мартинијан и Преподобен Евлогиј, архиепископ Александриски

ИЗВОРНов Лист
|

Преподобен Мартинијан

Житието на овој светител е чудесно и прекрасно. Што сѐ не претрпе за да ги исполни Господовите заповеди. Во својата осумнаесетта година се оддалечи во планината наречена Ковчежна во Кападокија и таму поживеа дваесет и пет години во пост, молитва и бденија и во борби со многу искушенија.

Кога дојде да го искушува една жена, а тој виде дека има опасност да падне во грев со неа, скокна бос во оган и стоеше внатре додека  не му навре солзи на очите и не стивна во него секаква похот. Кога надојдоа други искушенија тој побегна на една осамена карпа сред морето и таму живееше. Но, кога при еден бродолом и на оваа карпа доплива една жена, тој скокна во морето, но го дочека еден делфин и по Божја Промисла го изнесе на грб на брегот. Тогаш реши повеќе никаде да не се населува трајно, а постојано да патува. Така, за две години измина сто шеесет и четири града, исправајќи ги и советувајќи ги луѓето.

Преподобен Евлогиј, архиепископ Александриски

Еден од најзначајните најактивните јерарси во VI век. Првин беше игумен на Богородичната Јустинијанова обител во Антиохија, а потоа беше избран на катедрата на градот Александрија каде што служеше 27 години. Во сите години на своето служење тој непрекинато се бореше против различните ереси. За неговата дејноста знаеме преку писмата упатени кон него од светиот Григориј Двоеслов. Светиот Евлогиј се упокои во 607 или 608 година. Неговите дела се делумно зачувани во записите на патријархот Фотиј и во нив се разоткрива православното учење за природите на Господа Иисуса Христа, и тие се упатени против ересите кои постоеле во времето на свети Евлогиј. Во целост само една негова беседа е зачувана до денес, беседата на празникот Цветници.