Мартинки, црвено-белите амајлии – ова е обичајот за нив

|

Баба Марика Узунска вешто ги пронајде во својата кошница, каде го чува приборот за плетење, клопчињата со црвена и бела волница и држејќи ги во рацете и покрај товарот на годините, достоинствено излезе во дворот од семејната куќа во делчевско Тработивиште и ги повика внуците и комшиските деца да ѝ се придружат и да ѝ помогнат во изненадувањето што го подготвува за нив.

Децата љубопитно ја гледаа и се стрчаа по неа подготвени да ги добијат задачите и да го видат изненадувањето. Таа седна на дрвената клупа во дворот и им ги подаде краевите на двете волници на децата објаснувајќи им дека треба да се оддалечат од неа и да ги оптегнат црвенобелите нишки, па вешто држејќи го едниот крај на белата волница со устата, а црвената со треперливите раце, ги испреплетуваа црвено-белите конци.

– Драги мои дечиња, утре е први март и затоа денеска треба да направиме мартинки. Тоа се амајлии да Ве штитат од лошо. Откако ќе ги испреплетиме конците ќе ги ставиме под камен кај трендафилот, ќе ставиме и стомна со вода. Но, за нив никој не треба да знае, каде се и не треба да кажувате на никој. Утре наутро ќе дојдите и ќе се измиете со водата од стомната, а потоа ќе ви ги врзам на рацете за здравје, да ве штити од лоши работи, децата да не ги гори сонцето, да се бели и црвени, им објаснуваше баба Марика.

Таа ги потсети децата дека кога ќе ја видат првата ластовичка ќе ја тргнат мартинката од рацете и ќе ја стават под камен, но задолжително ќе си замислат и желба.

Баба Марика и уште неколку постари жени во делчевското село Тработивиште сѐ уште ја почитуваат традицијата на правење мартинки, ја чуваат од заборав и ги развеселуваат децата, иако денес овој чин на правење мартинки е многу редок, бидејќи повеќето се одлучуваат мартинките да ги купуваат.

Мартинката има за цел да нѐ штити и ако ја носиме, во текот на работата по полето сонцето нема да нѐ изгори. Мартинката се носи сѐ додека не се види првата ластовичка. Кога ќе се види, скришно се вади мартинката и се остава под каменче и се замислува одредена желба. Сега, почесто овој обичај се изведува на малите деца, вели Узунски.