ДО КРАЈОТ НА ДЕНОВ СНЕГ НА ПОВЕЌЕ МЕСТА, МАЛ ПОРАСТ НА ТЕМПЕРАТУРИТЕ ВО СЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ – НОВ ВЛАЖЕН БРАН ОД ПЕТОК ПОПЛАДНЕ И НАВЕЧЕР

|

До крајот на денов времето во Македонија ќе биде претежно облачно и СТУДЕНО на повеќе места со повремени врнежи од снег. Повеќе врнежи ќе има во јужните и во југозападните предели, каде ќе се формира снежна покривка и на пониските места, додека на повисоките и планинските места истата ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен и од североисточен правец. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од -1 до 7 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде претежно облачно со услови за слаби врнежи претежно од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец, додека максималната температура ќе се искачи до околу 4 степени.

Инаку како што најавивме, утре и во четврток времето ќе биде претежно стабилно и суво, односно променливо облачно со сончеви периоди. Особено утре ќе дува и слаб до умерен, а Долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.

Нов влажен бран од запад нашата територија ќе ја зафати во петок попладне и навечер, како и за време на викендот и истиот ќе услови нови врнежи од дожд и од снег.

Што се однесува до температурите, минималните ќе бидат доста ниски и во текот на следните неколку утрини понекаде истите ќе се спуштаат до околу -10 степени, додека максималните дневни ќе бележат тенденција на мал пораст и тоа особено од четврток кога ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 13 степени.

И во Скопскиот регион времето утре и во четврток ќе биде претежно стабилно и суво, односно променливо облачно со сончеви периоди. Утре ќе дува северен ветер кој повремено ќе засилува на интензитет. Нови врнежи претежно од дожд се очекуваат особено за време на викендот. Минималните температури ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 0 степени, додека максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 11 степени, што значи дека истите во текот на следните денови ќе бележат тенденција на мал пораст.
За нови, детални и по потреба обновени метео информации, следете го официјалниот фејсбук профил на Славчо Попоски тука
Можете да ме следете и на инстаграм slavchopoposki