Производителите на основните производи имаат резерви за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви, информира Владата. Исто така, оттаму смируваат и дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков и ќе остане
Република Северна Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, граѓаните да бидат смирени не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи, смируваат од Владата и порачуваат дека заедно со останатите институции ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните.
Засега, тврдат од Владата, нема потреба да се активираат ниту стоковите резерви.
„Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат резерви за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто“, велат од Владата.
Исто така, апелираат и до трговците да ја почитуваат одлуката за ограничување на трговските маржи бидејќи од оваа мерка никој нема загуби.
Владата смирува и дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков и ќе остане.
„Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија. Согласно оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија кои според последно расположливите податоци изнесуваат околу 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на глобалната финансиска криза“, уверуваат од Владата.
Комуницираме, велат оттаму и со Светска банка и со Меѓународниот монетарен фонд, доколку има потреба да се користат инструментите за помагање во финансирањето на трошоците во економијата.