Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати во нашата земја.
Согласно методологијата за утврдување на малопродажните цени на нафтените деривати, Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за новите цени на горивата кои ќе започнат да важат од ноќеска на полноќ. Она што не е никакво изненадување е дека горивата продолжуваат да поскапуваат, тренд од кој не се остапува веќе подолг период.
Според најновата одлука на РКЕ, горивата ќе поскапат за 1,93 проценти во однос на цените кои важеа изминатата недела. Ова значи дека дизелот и бензините поскапуваат за денар и половина во однос на претходно.
Со други зборови, Еуродизел ќе се точи по цена од 75,50 денари, литар Еуросупер БС-95 ќе чини 84 денари, а еден литар Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 86 денари.
Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување кај бензинот за 2,7 проценти, а кај дизелот за безмалку 2 проценти.
Исто така, од Регулаторната комисија истакнаа дека и покрај константното поскапување на горивата, Македонија и понатаму е меѓу земјите со најниски цени на Балканот. Според РКЕ, Македонија има најевтин Еуродизел во регионот во споредба со БиХ, Бугарија, Унгарија, Романија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Грција, додека пак Еуросупер БС-95 е поевтин единствено во Бугарија и БиХ, додека во сите останати земји е посакап во однос на Македонија.
Извор: Авто плус