Сертификатот за прележана болест да важи 180, наместо 45 дена, враќање на трудниците на работните места, враќањето на студентите на факултетите со физичко присуство, излез од држават без потврди за примени дози, прележана болест или пак потврда за негативен ПЦР, како и укинување на сертификатите при влегување во моловите, се барањата на Комисијата за заразни болести од пред неколку недели, а кои веќе се прифатени од страна на Кризниот штаб, денеска најверојатно ќе се најдат и на Владина седница по што се очекува и официјално да бидат усвоени и да стапат на сила.
Останува уште мерката задолжително носење маски во затворени простории за што Комисијата за заразни болести најверојатно ќе разговара на утрешниот состанок. Оттаму велат дека епидемиолошката состојба во Македонија е сосема стабилна, нема никакво преоптоварување на болничките капацитети, бројките на новозаразени постојано паѓаат, но сепак е се уште рано за да се случи целосно укинување на мерките, пред се заради нискиот опфат на имунизација кој во Македонија е некаде над 41 процент.
Сепак од страна на родителите не стивнуваат реакциите за задолжителното носење маски за време на наставата во основните и средните училишта. Единствено барање од страна на група родители во однос на укинување на носењето заштитни маски е само за време на часовите по физичко образование.
Наставата по физичко образование ќе се одвива без заштитни маски, нагласено е во документ од Владата на кој вчера се повик ТВ21. Во документот се наведува дека одлуката е донесена на барање и средба со група граѓани-родители и е во согласност со препораките на Светската здравствена организација.
Токму во оваа насока, родителите со кои разговараше Фактор посочуваат дека носењето маски на останатите часови нема никаква логика.
– Сметаме дека задолжителното носење маски во училница е целосно бесмислено, особено што процентот на заразени ученици во училиштата е многу низок. Заштитните маски, освен во јавниот превоз и главно во продавници, веќе никаде никаде не се носат. На работните места и во институциите, па и во многу приватни фирми ретко кој од вработените ги носи постојано. Граѓаните во голем број прележаа, дел се имунизираа, примаат и бустер дози, така што ризикот со зараза е сведен на минимум. Затоа сметаме дека е доста со носењето маски во училиштата, велат од родителските одбори во неколку скопски основни училишта.
Здравствените власти, сепак посочуваат дека останатите рестриктивни мерки постепено ќе се релаксираат и не очекуваат да има зголемување на бројот на новозаразени. Велат дека пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар, а податоците покажуваат дека иако процентот на имунизирани е мал, колективниот имунитет во Македонија е околу 80-85 отсто.