Вечерва се очекува нова одлука за цените на горивата

|

Според новиот начин на пресметка на цената на нафтените деривати кои го спроведува РКЕ, регулаторот ќе ја менува цената на горивата на дневна основа само доколку одреден дериват на светските берзи поевтини или поскапи за два денари по литар.

Од Комисијата појаснуваат дека цената на горивата за бензинските пумпи се одредува во однос на цените на берзите во последните пет дена. Дополнително, во конечната цена влегуваат и давачките кон државата, но и трошоците за транспорт на дериватите, како и одредената трговска маржа.

„Вчера имаше котации на берзата на Брент нафта, но ние кога определуваме цена не калкулираме со Брент нафта, туку го земаме секој нафтен дериват поединечно и земаме петдневен просек на цените“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Имено, на берзите нафтата денес поевтини за дури 13 oтсто. Суровата брент-нафта изнесува 111 долари за барел.

Ваков пад немало цели две години. Обединетите Арапски Емирати, соопштија дека ќе го зголемат производството на нафта.

По одлуката на регулаторот да се намали маржата на трговците за 33 отсто или наместо 4,5 денари, да заработуваат по три денари од еден литар гориво, жестоко реагираа трговците кои велат дека изминативе неколку недели работеле со загуби.

Најголемата нафтена компанија во земјава, Макпетрол, предупредува дека е можно да ја запре продажбата на горива на пумпи те поради, како што велат, огромните загуби кои ги трпи компанијата.

„Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Укажуваме дека може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција којашто и Макпетрол сериозно ја разгледува“, соопштија од Макпетрол.

Се огласија и од Здружението на бензински пумпи од источниот дел на Македонија. Тие тврдат дека не им претстои само можно привремено затворање на пумпите, туку и целосно ставање клуч на бизнисите.

Регулаторната комисија, но и властите, бараат од трговците да имаат разбирање и солидарност. Маржите ќе им биле вратени откако состојбата ќе се нормализира.

Владата вчера преку измени на законски решенија донесе одлука да се намали акцизата на горивата, како и ДДВ-то на енергенсите од 18 на 10 отсто. Предлог-измените попладнево стигнаа во Собранието.