Човекот кој и се одмазди на банката: „Одбија да ми дадат кредит, 18 години подоцна ги купив“

|

39-годишниот Адам Диринг немал ни цент кога во 2002 година се упатил во банка во Урмстон, во округот Велики Манчестер, за да земе заем и да започне бизнис. Меѓутоа, менаџерката на банката била многу скептична и одбила да му исплати 10.000 фунти под изговор дека Диринг е многу млад. Тогаш не можела ниту да се посомнева колку голема улога тоа ќе одигра во неговиот живот.

Британецот не можел да си дозволи ниту столица, работел на под на една мала канцеларија, а во 2014-та година својата компанија ја продал за 450.000 фунти.

-Кога имав 21 година ја напуштив работата како продавач бидејќи знаев дека можам да покренам успешен бизнис, но немав пари, па ми беше потребна позајмица. Им го претставив целиот бизнис план и побарав 10.000 фунти, но менаџерката не ме сфати воопшто сериозно иако и срцето и душата ги вложив во тој план. Кога ми кажа дека сум млад и неискусен и дека затоа не сака да ризикува, бев скршен. Бидејќи немав пари, 4 месеци им се јавував на луѓе од подот, бидејќи немав средства ниту за маса и столица. Имаше многу моменти кога помислував дека дошол крајот, но одбивав да се предавам, се присетил Диринг.

Трудот се исплател затоа што во наредните години, неговиот бизнис сепак тргнал. Инаку, бил проблематичен тинејџер, па на 14 години бил исфрлен од училиште затоа што уништил автомобил. Денес им помага на многу компании да ги организираат своите финансии, а благодарение на успехот тој е и мотивациски говорник.

А, што ќе биде со зградата на банката која ја купил? Ќе биде целосно реновирана и ќе добие нова намена – ќе се изградат 8 станови и еден продажен салон на тоа место.

„Купувањето на оваа банка за мене беше начин да ја заокружам оваа приказна и да им покажам дека бев во право кога верував во себе“, рекол Диринг.