Фискалните инспектори проверуваат дали има 0% ДДВ на основните производи, а граѓаните се скептични дека храната во скоро време ќе поевтини

|

Втор ден како важи мерката 0% ДДВ на основните производи и фискалната инспекција веќе работи засилено.

Се посетуваат трговските субјекти, се проверуваат фискалните апарати и документите. Инспекторите се во потрага по прекршувачи на законите.

Управата за јавни приходи првите денови ќе проверува, а викендов ќе се знаат деталите дали и каде се детектирани неправилности.

Со глоба и прекршочен платен налог ќе се соочат трговците коишто ќе се обидат да ги заобиколат новите правила.

„ВО МОМЕНТОВ ИМАМЕ ПУШТЕНО НАШИ ИНСПЕКТОРИ ДА ЈА ПРАВАТ КОНТРОЛАТА НА НОВИНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ НА ГОТОВИНСКИ ПЛАЌАЊА, ОДНОСНО, ОНАМУ КАДЕ ШТО ИМА ГОТОВИНСКИ ПРОМЕТ ДА ВИДИМЕ ДАЛИ СЕ ИСПОЧИТУВАНИ ОНИЕ НОВИ СТАВКИ КОИШТО ТРЕБА ДА ПОСТОЈАТ НА ФИСКАЛНАТА СМЕТКА. ЌЕ РАБОТИМЕ И ДЕНЕС И УТРЕ, ПА ВО НЕДЕЛА ЌЕ ЈА ИМАМЕ КОМПЛЕТНАТА СОСТОЈБА“ ИЗЈАВИ САЊА ЛУКАРЕВСКА, ДИРЕКТОРКА НА УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ.

Проверките во однос на прашањето дали има намалување во цените на храната е во надлежност на друга институција – Државниот пазарен инспекторат.

Но, директорката на УЈП најави заеднички координирани акции на терен со Пазарна за да се дојде и до тие одговори.

Во меѓувреме, граѓаните се скептични дека храната во скоро време ќе поевтини. Се плашат од сè попразни потрошувачки кошнички.

„НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ СЕ ЧУВСТВУВА, НО САМО МИНИМАЛНО. ДЕНАР, ДВА ДЕНАРИ НА КИЛОГРАМ. НЕ ЗНАМ КАКО ТРГОВЦИТЕ ГО ЧУВСТВУВААТ ТОА ДЕКА ИМА НАМАЛУВАЊЕ. ЕВЕ ШЕЌЕРОТ ЧИНЕШЕ ОКОЛУ 40 ДЕНАРИ, А СЕГА 37-38 ДЕНАРИ. И ТОА САМО 900 ГРАМА.“

„ЈАЈЦАТА ОД 210 ДЕНАРИ ГИ НАПРАВИЈА 270. И КАКО ТОА Е ПОМАЛКУ?! ТОА Е ОД 7 ДЕНАРИ, НА 9 ДЕНАРИ.“

„ЛУЃЕТО НЕМААТ ПАРИ, ЏАБЕ ЌЕ ЗГОЛЕМУВААТ ЦЕНИ АКО НЕМАШ ПАРИ ДА КУПИШ НЕШТО.“

„СÈ Е ПОСКАПЕНО – И ЈАЈЦА И ЗЕЈТИН. НИШТО НЕ Е НАМАЛЕНО. ЦЕНАТА НА ЈАБОЛКАТА СЕ ДРЖИ ДОБРО, МАРУЛАТА ИСТО ТАКА НЕ Е ПОСКАПЕНА И ЗЕЛКАТА Е ДОБРА. НО, СУВОМЕСНАТОТО, ЗЕЈТИНОТ, ТИЕ ДРУГИТЕ РАБОТИ СЕ ОГИН СКАПИ. И ЈАЈЦАТА.“

Основните производи ќе се продаваат со нула проценти ДДВ нецели три месеци или до 31 мај.

Од Владата очекуваат дека со оваа мерка ќе се изврши надолен притисок врз малопродажните цени на производите.

Од УЈП апелираат до граѓаните да не прифаќаат фискални сметки ако на нив не се точно детектирани новите поединости.

Петар Догов