Што има во рибините стапчиња? Дали некогаш сте пробале сурими?

|

Сурими се стапчиња од црвена и бела риба, кои може да се купат и во нашите продавници.

Се верува дека биле измислени пред 1000 години во периодот Хејен, кој исто така се смета за последен период од класичната јапонска историја. Јапонските готвачи го дизајнирале овој деликатес за да го продолжат рокот на траење на рибите и морските плодови за почитуваните и богати семејства од тоа време кои не живееле покрај брегот.

Оригинално, сурими претставувала паста од мелена бела риба која била богато зачинета со сол, како примитивна форма на конзерванс. Наскоро станале омилено јадење во многу јапонски домови, а заради својата флексибилност, се додавале во многу јадења – од супи до крцкави ролни.

Со текот на годините, рецептот се менувал и надградувал и секоја нова генерација додавала дел од својот личен печат на оригиналниот производ.
Во 1970 -тите, американските производители на храна го откриле суримито. Тие додале многу шеќер, сол, рибино масло и пченкарен скроб во мелената риба за да го подобрат нејзиниот вкус и да ја зацврстат нејзината текстура.

Го пресекле на стапчиња кои по форма и боја наликуваат на парчиња месо од рак. Така започна лудоста за овој производ во западниот свет. Иако имаат национална кујна базирана на свежа риба и морска храна, сурими употребуваат дури и многу денешни ресторани во Шпанија и Франција.