На Табановце поставена првата табла за Зелена лента „Отворен Балкан“

|

На граничниот премин Табановце, на влез во Македонија, Царинската управа ја постави првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан што е еден од првите проекти на иницијативата.

Најважната придобивка од Зелената лента за компаниите и транспортерите, како и за овластените економски оператори од Отворен Балкан е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли.

Со визуелното обележување на Зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз. Следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во Македонија, а потоа истото ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Македонија во тие две држави.

Одобрението за овластен економски оператор кој го издава Царинската управа претставува потврда дека лицето имател на ОЕО е сигурен и безбеден партнер на царинскиот орган и има контрола над процесите на своето работење, а со протоколите кои меѓусебно ги потпишавме тие потврди се еднакво валидни и за земјите кои се дел од иницијативата Отворен Балкан. Ова е значајна придобивка за компаниите од трите земји кои побрзо и поефикасно можат да ја пласираат својата роба, се наведува во соопштението од Владата.