Вчера во 16 часот и 33 минути и официјално ѝ кажавме добредојде на долгоочекуваната пролет. На првиот ден од пролетта, денот и ноќта траат 12 часа и се еднакви, поради што тој ден се нарекува ден на пролетна рамноденица.
Со оглед на тоа дека пролетта почна вчера, на многумина можеби им е чудно што во училиште учеле дека пролетта почнува на 21 март.
Не сте научиле погрешно. До 2011 година, пролетта почнуваше на 21 март. Оттогаш, барем за жителите на северната хемисфера, пролетта почнува на 20 март. Но, зошто е тоа така?
Пролетта почнува на 20 март од 2011 година, дотогаш датумот се менуваше меѓу 20 и 21 март. Така ќе биде до 2048 година, кога почетокот на пролетта ќе биде меѓу 19 и 20 март. Дури во 2102 година почетокот на пролетта ќе се врати на 20 и 21 март – вели Бранко Симоновиќ од Астрономското друштво „Руѓер Бошковиќ“.
Пролетта почнува кога Сонцето, во своето годишно движење, го преминува екваторот и почнува да се движи кон север.
Два различни методи
Постојат два различни метода за одредување на почетокот и крајот на годишните времиња, метеоролошки и астрономски.
Метеоролошкиот метод го користат метеоролозите кои ја набљудуваат температурата и состојбата на атмосферата. Според овој метод, секоја сезона трае по три месеци, а пролетта трае од 1 март до 31 мај.
Вториот метод се базира на астрономските сезони и се однесува на положбата на орбитата на Земјата во однос на Сонцето. Почетокот на годишните времиња се поврзува со времетраењето на денот.
Астрономски, пролетта доаѓа кога Сонцето преминува од јужната на северната хемисфера. Тогаш сонцето изгрева на исток, а заоѓа на западната страна на хоризонтот. Денот и ноќта траат подеднакво и затоа тој ден се нарекува ден на пролетна рамноденица. Токму со овој метод се одлучува кога доаѓа пролетта.