Цената на нафтата се стабилизира во вторник на меѓународните пазари блиску до 116 долари, балансирајќи помеѓу загриженоста за понудата поради преговорите во ЕУ за ембарго на руската нафта и посилниот долар што ја намали побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 13 центи на 115,75 долари. На американскиот пазар барел нафта се тргуваше за 11 центи поскапо, по 112,23 долари.
Трговците будно ги следат разговорите во ЕУ за воведување ембарго за увоз на руска нафта.
Инаку кај нас, цената на бензините и на дизелот останува иста, само Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за два денари за литар, одлучи попладнево Регулаторната комисија за енергетика.
Со тоа, од полноќ, Екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по цена од 75,5 денари за литар. Еуросупер БС-95 останува со цена од 79 денари за литар, Еуросупер БС-98 со цена од 81 денар за литар и дизелот со цена од 77 денари за литар. Останува иста и цената на мазутот – 52,354 денари за литар.
Со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,54 проценти во однос на вчерашната одлука. (МИА)