Сега само урнатини и пропаднати бараки стојат на земјиштето каде што некогаш функционираше индустрискиот гигант „Треска“ во центарот на Скопје.
Простор кој е еден од последните слободни во подрачјето што особено ги привлекува големите градежни моќници.
Половина од земјиштето е приватно, а половина е во сопственост на државата, но прашање е уште колку долго. Во општинските канцеларии постојано пристигнуват барања за откуп на земјиште на име на доокрупнување на градежни парцели – но, колку се на број барем засега не се знае.
Затоа советниците од „Шанса за Центар“ бараат официјални информации од општината.
„ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ ДЕКА НА ЗЕМЈИШТЕТО НА ПОРАНЕШНАТА ФАБРИКА „ТРЕСКА“ ДО МАЈ 2021 ГОДИНА КАКО ШТО СТОИ ВО СТРУЧНИОТ ЕЛАБОРАТ ИЗРАБОТЕН ОД САМАТА ОПШТИНА, 47% ОД ЗЕМЈИШТЕТО БЕШЕ ВО ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ. НАС НÈ ИНТЕРЕСИРА ДАЛИ ОД ТОГАШ ДО ДЕНЕС НЕШТО СЕ СМЕНИЛО И ДАЛИ ОПШТИНАТА ИМА ПРОДАДЕНО ДЕЛ ОД ЗЕМЈИШТЕТО“ ИЗЈАВИ ЈАНЕ ДИМЕСКИ, СОВЕТНИК ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР.
Општина Центар со одлука на Советот организираше и Конкурс за идејно решение – околу тоа како да изгледа тој дел од градот.
Идејните решенија уште ѝ се непознати на јавноста. Никогаш не биле изложени некаде за луѓето да можат да ги погледнат.
„АРХИТЕКТИТЕ И ПРЕТХОДНО СУГЕРИРАА ДЕКА ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ МОРА ДА ПОДЛЕЖИ НА ПРОМЕНИ И МОРА ДА СЕ ГРАДАТ НОВИ ОБЈЕКТИ, НО КАКО СЕ ПРАВИ ТОА Е ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ИЗГЛЕДОТ НА ГРАДОТ.“
Фокусот треба да биде токму на хуманиот начин на планирање и на градење, затоа што државното земјиште кое ќе биде бетонизирано веќе не се враќа и од тоа никогаш не бидува парк, вели Јана Белчева.
Но, стравува дека државно земјиште може и во овој случај да биде распродадено за багателна цена како во случајот со парцелата спроти „Нова Македонија“ која беше приватизирана за 7 евра по метар квадратен.
„ЈАВНИОТ ПРОСТОР ОДНОСНО ДРЖАВНИОТ ПРОСТОР АКО СЕ РАСПРОРДАДЕ – ТОА Е НЕОБНОВЛИВ РЕСУРС И ПОНАТАМУ ВЕЌЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСКОРИСТИ ЗА СÈ ОНА ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ЈАВНА НАМЕНА КАКО ЗЕЛЕНИЛО, ГРАДИНКИ, УЧИЛИШТА ИЛИ ДРУГИ ОБЈЕКТИ КОИШТО СЕ СУШТИНАТА НА ЖИВЕЕЊЕТО ВО ЕДНА УРБАНА СРЕДИНА, БИДЕЈЌИ НЕ Е САМО ДОМУВАЊЕТО ЕДИНСТВЕНАТА ПОТРЕБА НА ГРАЃАНИТЕ ВО ЖИВЕЕЊЕТО ВО ГРАДОТ“ ИЗЈАВИ ЈАНА БЕЛЧЕВА – АНДРЕЕВСКА, СОВЕТНИК ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР.
Градоначалникот на Центар во краток телефонски разговор за Телма ѝ одговори на поранешната претседателка на Советот, Јана Белчева – зошто во тие години додека на сила беше мораториумот за градење, Деталниот урбанистички план не бил усогласен со Генералниот?
Посочи дека во иднина треба да се избегне и сценариото да се плаќа милионска отштета на оние кои веќе вложиле пари.
Петар Догов