Министерот Бочварски најави намалување на цените на патарините

|

Благој Бочварски, министерот за транспорт во своето гостување на телевизија СИТЕЛ најави реведирање на цените на патарините по анализата која ја направи сител за тоа каде се трошат парите кои граѓаните и компаниите ги трошат за користење на автопатиштата низ државата.

Сепак, засега не се знае каков модел ќе примени Владата, ниту за колку проценти би било намалувањето на цените.

-Како Влада разработуваме модалитети и можности за тоа колку може и дали е можно да се намалат цените на патарините. И од тој аспект ние разработуваме модалитети кои ќе бидат одржливи, рече Бочварски во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.

Зборувајќи за системот на вињети, министерот вели дека овој модел сепак не е доволно праведен.

– Со винетките моделот не е доволно праведен затоа што винетка користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и ги користи повеќе патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати со регистрацијата винетка, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува да плаќа повеќе, отколку некој кој користи само локални патишта, смета Бочварски.

Сител во изминатите денови во соработка со Македонскиот институт за медиуми изработи серија прилози за системот на наплата за користење на државните патишта.

Анализата откри дека многу малку се знае за трошењето на парите кои граѓаните ги даваат на наплатните рампи. Јавното претпријатие сѐ уште нема модел како точно се користат овие пари, туку тие заедно со останатите приходи се собираат на купче, па се прави годишната програма.