Памела Андерсон доби шанса на Бродвеј

ИЗВОРНов Лист
|

Поранешната ѕвезда на Baywatch, Памела Андерсон, ќе го има своето деби на Бродвеј како Рокси Харт во хит мјузиклот „Чикаго“.

Андерсон ќе ја толкува улогата на Рокси Харт од 12 април до 5 јуни. Таа им кажа на новинарите дека за неа тоа е „улога од соништата“.

„Мислам дека славата за Рокси е слобода“, рече таа во интервју за Good Morning America. „Не се работи само за тоа да се биде познат, туку во исто време добивате многу внимание и слобода. Можам да се идентификувам со многу работи од мјузиклот“.

„Улогата е многу интересна, а приказната трае толку долго бидејќи е одлична. И секогаш има нешто под тој гламур што ја прави уште погламурозна“, изјави 54-годишната Андерсон, која рече дека и било доста тешко да се подготви за улогата.

„Бројни часови танцување, пеење, работа на сцена, престој во сали на проби. Но, штом ќе се качите во тој воз, тој само продолжува и нема начин да се симнете“, рече актерката, додавајќи дека со нетрпение чека да настапи.