Главниот координативен кризен штаб за справување со болеста (ГККШ) на денешната седница одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата да ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во основните училишта да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски.
ГККШ донесе заклучок до Владата да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за имунизација и на студентите и на образовниот кадар.
На оваа своја седница ГККШ одлучи да ѝ предложи на Владата да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50% да се зголеми на 75% со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од болеста.
На денешната седница е прифатен и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за имунизација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за имунизација или за прележаност од болеста.