Сопственикот на компанијата „Тесла“, Илон Маск, со своето богатсво претендира да избие на првото место на светските милијардери. Светските финансиски аналитичари тврдат дека наскоро богатството на Маск нагло ќе скокне и тоа не само поради зголемувањето на продажбата на електрични возила „Тесла“, туку и поради неговата програма „Спејс Икс“. Аналитичарите не можат да ја одредат точната временска рамка кога ќе се случи неговиот скок, но се очекува дека клучна улога ќе имаат ракетите, возилата и помошната инфраструктура опфатени со неговата вселенска програма.
Друг кандидат за најбогат милијардер е индискиот индустријалец Гаутам Адани, кој е претседател и основач на „Адани груп“, мултинационален конгломерат со седиште во Ахмедабад, кој се занимава со трговија, недвижнини, производство на електрична енергија, градежништво. Неговото богатство се проценува на речиси 95 милијарди долари. Под негова контрола е најголемото индиско пристаниште Мундра, како и меѓународниот аеродром во Мумбаи.
Кинескиот софтверски инженер, Џанг Јиминг, е друго име коe може да избие на првото место на листата на светски милијардери. Неговата компанија „Byte Dance“ ја поседува мегапопуларната социјална апликација „ТикТок“. Личното богатство на Џанг во 2022 година се проценува на 44,5 милијарди долари.
Индискиот бизнисмен Мукеш Амбани поседува компанија која работи во бројни сектори – енергетика, медиуми, трговија на мало, телекомуникации, текстил итн. Неговото богатство моментално се проценува на 93 милијарди долари.
Најбогатиот човек од Европа е францускиот бизнисмен Бернар Арно, чие богатство моментално вреди околу 155 милијарди долари. Арно е извршен директор на конгломератот за луксузни стоки „ЛВМХ“ и поседува брендови како Луј Витон, Кристијан Диор и Живанши.