Се очекува олабавување на мерките – еве од кога

|

Претставничката на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) во земјава, Патриција Ди Џовани во вчерашно обраќање истакна дека се наоѓаме во непредвидлива состојба со пан*емијата и оти треба да се почитуваат мерките.

– Треба да имаме предвид во која фаза од пан*емијата сме, односно каков е нејзиниот тек. Комисијата за заразни болести заседава, издава свои препораки, меѓутоа не значи дека сите мерки треба да бидат унифицирани за целата територија, бидејќи, како што кажавме ние од УНИЦЕФ, заедницата треба да се грижи за заедницата. Доколку во одредена заедница немаме позитивни случаи тој случај би можело да се намалат мерките, односно да нема потреба да се носат маски итн., меѓутоа доколку има случаи треба да се придржуваме до мерките. Треба да имаме доверба во работата на Комисијата, нагласи Ди Џовани.

Во однос на намалување на мерките, Главниот координативен кризен штаб за справување со болеста на крајот од минатата недела ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести за укинување на обврската за носење маски во основните училишта, препорака за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 проценти да се зголеми на 75 проценти, но и да се укине протоколот за угостителски објекти со кои се бара сертификат за имунизација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат.

Предлозите се доставени до Владата и се очекува во текот на оваа недела да бидат изгласани и усвоени на владината седница.