ЕСМ ќе гради четири сончеви електрани во РЕК Битола со моќност од 280 мегавати

|

АД ЕСМ објави дека подготвува изградба на четири фотонапонски електрани со вкупна инсталирана моќност од 280 мегавати во кругот на РЕК Битола. Првата електрана од 20 мегавати ќе биде лоцирана во самиот круг на комбинатот, веднаш до Термоелектраната, и за истата во тек е изработка на концептуален проект од страна на консултантот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), најавуваат државните електрани.

Потоа ќе следува изработка на техничка спецификација и тендерска документација за избор на изведувач.

„Втората фотонапонска електрана од 60MW ќе биде изградена на тлото на исцрпените наоѓалишта на јаглен во рудникот Суводол. Во тек е тендерирање за избор на најповолен консултант за изработка на фисибилити студија и студија за животна средина, а потоа ќе се имплементира проектот со најсоодветниот модел за финансирање. Средствата за изработка на студиите се од грант, обезбеден од KfW Банка.

Третата сончева електрана од 100MW ќе биде изградена исто така во рудникот Суводол, додека четвртата од 100MW ќе биде лоцирана во рудникот Брод-Гнеотино“, информираат од ЕСМ.