Празни училишта и градинки, едни доаѓаат други си заминуваат бидејќи немаат настава. Сликата во главниот град беше наизменична од општина во општина.
За разлика од другите денови, утрово од градинките не се слушаше детски џагор. Посетивме неколку објекти каде не наидовме ниту на родители со деца ниту на вработени и покрај тоа што има неколку термини за прием.
Оние кои ги донеле децата во градинка велат на вратата ги пречекала една воспитувачка која ги прифатиле сите кои дошле утрово. На тој принцип денеска функционираат речиси сите градинки каде повеќето од вработените штрајкуваат. Од МТСП соопштија дека од вкупно 75 градинки, штрајк се одвива во 54.
Во 21 Јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од СОНК. Само во една односно во ЈОУДГ „Детска Радост“, Гази Баба, Скопје, воопшто во текот на денот не се згрижуваа деца, а во ЈОУДГ „Пролет“ Карпош, се згрижуваа деца само во еден објект.
Дел од наставниците испратиле порака до родителите дали ќе одржуваат настава или не. Голем број од основните училишта во Аеродром, Чаир, Ѓорче Петров, Кисела Вода денеска беа празни. За разлиика од овие општини, во Центар во ОУ Киро Глигоров имаше настава. Родителите сепак беа збунети и велат доколку не ги примеле нивните деца тие не би знаеле како ќе ги згрижат додека се на работа.
Средношколците ги затекнавме како по кратко време заминуваат од училиште бидејќи губат часови.
Професорите кои се дел од синдикатот беа дојдени но настава не одржуваа. Така беше во Васил Антевски Дрен, во гимназиите Корчагин и Јосип Броз Тито. Директорот на ПТТ каде денеска беше спроведено ПИСА тестирање, вели наставата во нивното училиште се одвивала непречено.
Министерот за образование Шаќири немаше податок дали и како се одвива наставата во целата држава и нагласи дека според законот учениците не смеат да бидат вратени од училиште.
Шаќири смета дека генерален штрајк би требало да е последен чекор и најави средба со СОНК најдоцна до утре.