Владата ги усвои препораките на Комисијата за заразни болести со кои маските повеќе нема да бидат потребни во затворен простор, а истите веднаш ќе бидат објавени во Службен весник.
Од утре во продавница, во трговски центри и на работните места граѓаните немаат задолжителна обврска да носат маски. Останува правото на избор, а мерката ќе биде на сила само во аптеки, болници, јавен превоз и старски домови.
Од 13-ти април нема повеќе и изолација за контактите, а министрите дадоа зелено светло и за одржување на училишни екскурзии и настава во природа. Во училиште без маски ќе бидат и средношколците иако оваа препорака беше доставена до кризниот штаб уште пред две недели.
На владината седница дозволија и работа со физичко присуство на лекарските комисии за утврдување на надоместоци за попреченост и право на нега од друго лице.
Според информации на Сител на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде препорачано укинување и на други рестрикции во државата поради стабилната епиде*иолошка состојба, но и примерите од соседните земји.
Во дневната статистика постојано регистрираат намален број на новодијагностицирани, а тоа го покажува и последната неделна анализа на ИЈЗ.
За 31 процент има помалку позитивни, а за 23 проценти е намален и бројот на случаи со најлош исход. Има и помалку реинфекции а во пет градови во државата нема ниту еден активен случај.