Изјавата на менаџментот на „Кристал“ само го потврдува тоа што ние со денови го кажуваме, а тоа е дека масло за јадење во нашата држава има доволно, тврди министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашната Топ Тема на Телма. Вели дека по денешната средба со производителите и трговците, дошле до заклучок дека побарувачката е неосновано двојно зголемена.
ТРЕБА ДА СЕ КАЖЕ ЈАВНО ДЕКА ПОБАРУВАЧКАТА ОД СТРАНА НА КУПУВАЧИТЕ Е ЗГОЛЕМЕНА ПОВЕЌЕ ОД ДВА ПАТИ. ЗНАЧИ СЕ КУПУВА МАСЛО ЗА ЈАДЕЊЕ НЕПОТРЕБНО, ТОА МОЖЕ ДА ЈА ВЛОШИ СОСТОЈБАТА И ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ЦЕНИТЕ НА МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ, А ПОНУДАТА ОСТАНУВА ТАКВА КАКВА ШТО Е. ВО ОДНОС НА ВЧЕРАШНАТА ОДЛУКА, НИЕ САКАМЕ КАКО ВЛАДА ДА ГИ ИСКОРИСТИМЕ СИТЕ НАШИ МЕХАНИЗМИ ЗА ДА ИМАМЕ РЕДОВНО СНАБДУВАЊЕ И ЗА ДА МОЖЕ ГРАЃАНИТЕ ДА ГИ ЗАДОВОЛАТ СВОИТЕ ПОТРЕБИ, РЕЧЕ БЕКТЕШИ.
Министерството им препорача на трговците на мало да не дозволуваат купување масло за јадење во големи количини. Бектеши изрази сомнеж дека толкави количини се купуваат само за домашна употреба, туку можно е некои несовесни трговци да ги купуваат за препродажба.
ЈАС НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА ОВИЕ КОЛИЧИНИ СЕ КУПУВААТ ЗА САМОСТОЈНА УПОТРЕБА ИЛИ ЗА ДОМАЌИНСТВО. ОВИЕ КОЛИЧИНИ СЕ КУПУВААТ САМО ЗА ПРЕПРОДАЖБА, ВНАТРЕ ВО ДРЖАВАТА ИЛИ ПАК МОЖЕБИ И НАДВОР ОД НЕА. САМО ВО РЕГИОНОТ НА СТРУГА И ОХРИД ИМАМЕ РЕЧИСИ ТРИ ПАТИ ПОГОЛЕМА ПОТРОШУВАЧКА НА МАСЛО ЗА ЈАДЕЊЕ ОТКОЛКУ ШТО СМЕ ИМАЛЕ ПРЕТХОДНО, РЕЧЕ БЕКТЕШИ.
Запрашан за евентуалното дополнително зголемување на цената на литар масло за јадење, Бектеши изрази надеж дека таа ќе се задржи во очекуваните рамки, помеѓу 115 и 135 денари. Министерот повторно апелираше до граѓаните да не прават големи залихи поради страв од недостатоци, посочувајќи дека според податоците на Заводот за статистика, едно просечно семејство во Македонија може да потроши најмногу 3 литри масло за јадење месечно.