Две нестабилни карпи може да паднат врз браната Матка

|

Две нестабилни карпи тешки по најмалку 20 тони може да паднат врз браната Матка и да ја оштетат.

Иако ризикот ова да се случи сега е мал, надлежните кројат планови за да заштитат браната. Од ЦУК велат дека можно се две сценарија – или контролирано да ги рушат или со механизми да ги стабилизираат за да не можат никако да се поместат. Првиот човек на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кој со своите служби излезе на терен вели дека мора превентивно да се делува.

-Побаравме од Комисијата за брани при Министерството за животна средина да дадат став, па од нивна страна имаме едно загрижувачко мислење со кое се потврдува нестабилноста на карпите, но при тоа укажуваат дека прогнозата за тоа кога тие би можеле да паднат е исто толку тешка како да прогнозирате земјотрес. Ова значи дека во случај на помал земјотрес кој не би го загрозил Скопје, овие карпи би можеле да бидат доведени во уште понестабилна состојба.- Стојанче Анѓелов – Директор на ЦУК.

Со оглед на тоа што опасноста од поголемата карпа е утврдена неодамна, сега таму алпинисти поставуваат уред со кој деноноќно ќе се мери дали и колку таа се поместува. Според Ангелов, ќе се прави и проектна програма за да дефинира што ќе се прави со нестабилните карпи, ама ќе мора да се распише и тендер.

-Ќе има проектна програма која детално ќе го уреди начинот на кој ќе биде отстранета опасноста и врз основа на тоа ЕВН Електрани ќе треба да распише тендер со кој ќе најде изведувач за надминување на опасноста. Вакви изведувачи не се наоѓаат насекаде, но во Европа има сериозни компании кои работат токму на ваква проблематика.- Стојанче Анѓелов – Директор на ЦУК

Во однос на претстојната сезона на пожари, пак, од ЦУК велат дека летово првпат ќе имаат хеликоптер на МВР со потребната опрема. Ангелов е оптимист дека и трите авиони за гаснење на пожари ќе бидат ставени во функција.