Родителите и дечињата од предшколска возраст ќе го поносат најголемиот товар од штрајкот на СОНК. Во детската градинка „Вера Циривири Трена“ во Штип на родителите им било посочено да не ги оставаат децата, зашто нема воспитувачи кои ќе се грижат за нив.
– На одредени родители им било забрабнето да ги оставаат децата и покрај изјавите на директорите на овие институции дека, таму се менаџира добро состојбата и дека се згрижуваат дечињата, јас не сакам да верувам дека ова значи селективен пристап-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Градоначалникот помош побарал во Агенцијата за вработување, но тие имале евидентирано само три лица кои имаат лиценца за вршење дејност воспитувач.
– Таму нема доволен број на кадар кој може заменски да делува, односно, да го компензира отсуството на вработените во градинките, затоа што истите треба да имаат соодветни лиценци за да можат да згрижуваат и да воспитуваат деца, така што проблемот не е едноставен- изјави Јорданов.
Јорданов додаде дека тие како локална самоуправа немаат нити надлежност, ниту можност да реагираат и целата одговорност е на централната власт и надлежното министерство.