Денес времето во Македонија ќе биде умерено до значително облачно и сè уште ТОПЛО. Попладне и навечер ќе започнат локални врнежи од дожд и особено во северните предели, како и Долж Повардарието ќе дува засилен ветер од северен правец. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 19 до 24 степени. Во Скопје и околината времето ќе биде умерено до значително облачно, додека доцна попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон недела ќе има услови за локален дожд кога ќе дува и засилен ветер од северен правец – вели метео прогнозерот Славчо Попоски.
Според Поповски максималната температура денес во Скопје ќе се искачи до околу 23 степени. Потоа од утре па се до вторник времето ќе биде облачно и ЗНАЧИТЕЛНО ПОСТУДЕНО со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе идат ПОИНТЕНЗИВНИ и ќе наврнат над 30 л/м2 воден талог. На повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег со што ќе дојде до формирање на нова снежна покривка.
Сето ова ќе биде проследено и со засилен ветер од северен правец, со што услови за врнежи од дожд и снег ќе има и на некои места со помала надморска височина. Постабилно време ќе имаме од вторник. Температурите на воздухот од недела па натаму ќе бидат пониски дури за повеќе од десет степени во споредба со сегашните и максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 11 степени, додека наутро истите понекаде ќе се спуштаат под нулата, со што на некои места ќе има појава на мраз, особено на повисоките и планинските места.
Исто така да напоменеме дека овие температури кои се очекуваат од утре ќе бидат ЗНАЧИТЕЛНО ПОД ПРОСЕКОТ за овој период од годината.