Двата милиони литри масло за јадење за кое Србија изминатава недела даде дозвола да се извезе во Македонија, ќе се најде во продажба во маркетите од понеделник, рече денеска заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски во вестите на Телма.
– Пред два дена Србија ја повлече забраната, одлуката вчера е објавена во Службен весник. Зборуваме за трговски договори кои веќе нашите фирми ги имаат и цената зависи од партнерските субјекти. Она што ние реално го очекуваме е испораката да почне од понеделник кон фирмите што го имаат договорот. Маслото е веќе во шише и брзо ќе се најде во маркетите, рече Димковски.
Тој дополни дека берзата е многу непредвидлива кога станува збор за тоа кога ќе почнат да се намалуваат цените, а рече и дека Владата веќе ги превземала максималните мерки.
– Ние сме во постојана комуникации на министерско и премиерско ниво со Србија, се разговара и за одобрување на нерафинирано масло, изјави Димковски.