Владата дозволи организирање ученички екскурзии, но дали ќе има време годинава да се организираат за учениците во трета и во четврта година? Ќе има ли годинава матурски прослави и како тие ќе се организираат? Иако во моментов добар дел од просветниците се во штрајк, па поради тоа настава нема, овие прашања се актуелни периодов, кога се наближува крајот на учебната година. Во врска со ова, поразговаравме со неколку директори на скопски училишта за средно образование во однос на овие прашања.
Во „Орце Николов“ најверојатно екскурзии нема да има
Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“ вели дека учениците имаат некои идеи да одат на екскурзија, но дали ќе одат, е неизвесно.
„По програма, се оди на екскурзија во трета и во четврта година. Годинава голема е веројатноста дека нема да има, бидејќи не би стасале да се организираме, порцедурата за организирање екскурзии долго трае“, вели Димовски.
Во однос на матурските прослави тој кажа дека учениците сами организираат прослава на која може да ги поканат професорите. Училиштето, вели, официјално нема да организира прослава.
Во „Владо Тасевски“ учениците ќе слават матура
Александар Сибиновски, директорот на средното стручно училиште „Владо Тасевски“ вели дека матрска прослава ќе има и дека училиштето стои како гарант, односно преговарач во договорот за славење матура.
„Ние се обративме во повеќе локали кои организираат прослава на отворено, децата добија понуди и си одбраа локал. Сертификат нема да им треба, а на отворено е побезбедно. За екскурзиите има официјална одлука. Во програмата ни стои дека учениците одат на екскурзија во трета и во четврта година. Ние нема ништо да наметнуваме. Сега има одлука да се оди, па би почнале постапка. Учениците би можеле да одат на крајот на мај“, вели Сибиновски.
Родителските средби во ова училиште се организирале во зависност од одлуката на менаџментот.
„Родителската средба може да се организира онлајн, но и не мора. Кај нас се одржуваат и со физичко присуство, дел се одржаа во холот во училиштето, а дел во дворот“, вели Сибиновски.
Во „Карев“ учениците сакаат, но нема да одат на екскурзија
Во врска со матурската прослава, директорот на „Никола Карев“ Андреј Манолев, вели дека има најави од претседателот на ученичката заедница, дека децата се заинтересирани да направат прослава, но дека училиштето нема да застане како организатор на тој собир. Во овој момент, организацијата е на самите ученици.
Според новите протоколи, појаснува тој, 50 отсто ученици треба да слават внатре во објектот кој ќе го изберат, на растојание од 1,5 метар, а 50 отсто од децата треба да се надвор.
„Но, знаеме дека тоа е тешко изводливо. Сите ученици ќе бидат на куп и тоа нема да се почитува. Ние имаме 300 матуранти, па јас лично како директор не сакам да ризикувам, затоа училиштето нема да организира славење“, вели Манолев.
За екскурзиите, тој кажа дека протоколите сега ги дозволуваат и може да се организираат, но потенцира дека не би стасале да ги организираат, со оглед на долгата процедура за организација на екскурзии.
Инаку на последната владина седница, беше укината забраната за организирање екскурзии и настава во природа.