Зошто Велигден се слави на полноќ, а не преку ден?

ИЗВОРНов Лист
|

Светите отци сакале да биде празникот, колку е можно, најблиску до времето на Христовото воскресение. Но, нам не ни е кажано точно времето и часот кога Христос воскреснал. Евангелијата ја премолчиле оваа точност.

За моментот на Христовото воскресение не е напишано, но за доаѓањето на ангелот Божји, којшто ги пречекал жените мироносици кај празниот гроб, се вели: “Стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото…, а стражарите, уплашени од него, трепереа” Настанот се случил порано, а можело и на полноќ, но сигурно не пред полноќ.

Воскресението во почетокот на означеното време значи сила и моќ – дека немало што да чека, туку ја имал Божјата сила и можел да воскресне; а тоа, ако се случело на крајот од денот, ќе значело немоќ – како да чекал да собере сила, како едвај воскреснал. Затоа е земен терминот веднаш по полноќ, само што почнува неделата. Затоа тогаш се објавува Воскресението и гласно се вели: – Христос воскресе!

Ова значи објавување на една голема вистина – му се објавува на целиот свет дека нашиот Бог не е мр*ов, туку е жив и не е во гробот, туку воскресна. Тоа се кажува гласно и сеопшто, од сите и за сите во светот. Тоа значи одеднаш, јавно и најмасовно исповедање на верата на сиот свет дека Христос Воскресе! На тоа се одговара: – Вистина воскресе!