Од денеска почнува етапната исплата на априлските пензии. Ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од болеста. Пензија повисока за 1.000 денари ќе добијат повеќе од 330 илјади пензионери со исплатата на априлската пензија преку договорената директна финансиска помош за три месеци.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.
Исплатата за пензии до 11.000 денари ќе се изврши денеска, утре на пензиите од 11.001-14.000 денари, во четврток на пензиите од 14.001-18.000 денари и в петок ќе се реализира исплата на пензиите над 18.001 денари.
Според ресорното министерство, пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од денеска. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите, како што се наведува, ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.
– Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, се наведува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.