Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 42-ра седница ги прифати предлозите на Главниот координативен кризен штаб утврдени според препораките на Комисијата за заразни болести.
Согласно овие предлози Владата донесе заклучок според кој престануваат да важат сите рестриктивни мерки освен задолжителното носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките и во установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.
Со заклучок од седницата, Владата ги реафирмира препораките за почитување и практикување на основните превентивни мерки за заштита како што се негрупирање и одржување физичка дистанца, носење заштитни маски на јавни места, посебно во затворен простор кога нема можност за физичка дистанца, како и редовна лична хигиена, проветрување на затворените простории и самоизолација во домашни услови при услови на симптоми на заболувања на респираторниот систем.
Со заклучоците од седницата на Владата им се препорачува на здравствените домови да ја интензивираат теренската им*низација на возрасните лица над 80 години заради нискиот опфат со им*низација на оваа старосна група, како и да продолжи истата меѓу здравствените работници.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата.
Како заклучок со оваа Информација Владата донесе Одлука за прифатливост на предлогот и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе јавна расправа по предлогот до 30 јуни 2022 година, врз основа на што ќе се изготви конечен предлог за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија III-споменик на природата.
Оваа иницијатива доаѓа согласно препораките на УНЕСКО за заштита на Охридското Езеро за да се овозможи: заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје и донесување на План за управување согласно одредбите од Законот за заштита на природата.
Со прогласувањето ќе се постигне прогрес во однос на имплементација на националната легислатива за заштита на природата, Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027), Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски План за период (2018-2023), како и прогрес во имплементација на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици, обврските од меѓународни конвенции, кои се ратификувани од нашата држава, како што се Конвенцијата за биолошка разновидност, Бернската Конвенција, CITES, Бонската Конвенција, Рамсарската Конвенција и други.
На денешната седница Владата го утврди текстот на предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за договорите за избор на надлежен суд.
Конвенцијата за договорите за избор на надлежен суд, усвоена во рамките на Хашката Конференција за меѓународно приватно право во Хаг, од 30 јуни 2005 година има за цел да ја осигура ефикасноста на спогодбите за избор на суд (познати и како „клаузули за избор на форум“ или „клаузули за јурисдикција“), помеѓу страните во меѓународните трговски односи.
Конвенцијата претставува инструмент кој ќе овозможи судскиот начин на решавање на споровите да стане стварна и привлечна алтернатива на меѓународната трговска арбитража, притоа трудејќи се да обезбеди поголема правна сигурност за прекуграничниот бизнис и да креира поповолна клима за меѓународната трговија и вложувањето, онака како што истакнува и Меѓународната трговска комора.