Ф-16, Тандерболт 2, Блек Хоук, Апачи – дел од атрактивните летала на Стенковец за „Денот за приказ на воздухоплови“

ИЗВОРНов Лист
|

Со надлетување на Ф-16 на грчкото воздухопловство и Тандерболт 2 на спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје беше отворен „Денот за приказ на воздухоплови“.

Најголем интерес имаше кај децата кои влегуваа во хеликоптерите и ги пробуваа заштитните кациги и другите реквизити.

Дел од нив рекоа дека сакаат да бидат пилоти, но имаше такви кои сакаат да бидат војници.

Интерес за воздухопловите имаше и кај возрасните кои заедно со своите деца во редици чекаа да се фотографираат.

Велат дека денешниот настан бил можност одблиску да ги видат леталата кои претходно ги гледале само на филмови, а дел од граѓаните денот го искористија за пикник во природа.

Пилотите на воздухоплови велат дека граѓаните најмногу се интересирале за функциите што ги имаат авионите и хеликоптерите.

На денешниот настан присуствуваа премиерот Ковачевски, министерката за одбрана, министерот за финансии, американската амбасадорка и амбасадорката на Велика Британија, началникот на Генералштабот, а присуствуваше и поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Денот за приказ на воздухоплови е дел од најголемата воена вежба организирана досега во Македонија „Брз одговор 22“ која во моментов е во тек на армискиот полигон „Криволак“, а во која учествуваат 4.000 припадници на вооружените сили од осум земји членки на НАТО.

Мартин Николовски