ССМ:Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот

ИЗВОРНов Лист
|

Вредноста на Синдикалната минимална кошница за април 2022 година изнесува 38.104,00денари.

Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домакинство, а платите не го следат истиот раст по зголемувањето на минималната плата во март 2022 година.

Од претходниот месец март 2022 година кога Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ изнесуваше 36 767,00, истата е зголемена за 1 337,00 денари односно за 3,63 %., а од јануари 2022 ( 35 811.00 ден) е зголемена за 2 293.00 денари односно 6.40 %

За само една година или од претходната 2021 година истиот месец април кога синдикалната минимална кошница изнесувала 33.976,00 денари истата е зголемена за 4.128,00 денари односно 12,14%.

Најголемо зголемување има во исхрана и пијалоци и кај превозот.
Сојузот на синдикатите на Македонија со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентните противења на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците, а на протестот на 1 мај, 7500 работници на улица заедно со ССМ јасно упатија пораката дека зголемените плати им се потребни веднаш.

Очекуваме оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат будење за сите работодавачи, локалната и централната власт и веднаш да пристапат кон зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата и да ги зголемат платите за најмалку 2806 денари во нето на секој работник, стои во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.