Вработените во градинките се уште немаат земено плата за април. Министерката за труд најави дека ќе ја добијат следната недела, односно почетокот на јуни. Но, на тие кои штрајкуваа, ќе им биде исплатено помалку. На негувателките околу 2,000, на воспитувачките речиси 4,000 денари. Овие пари, според првиот човек на СОНК, ќе им бидат вратени следниот месец, односно со платата за мај.
– Да, точно е дека се уште не добиле плата, затоа што се правеше усогласување со законските измени во Колективниот договор. Инаку, 12 градинки се уште немаат доставено пресметки за корегирана плата, се надеваме дека тоа ќе ќе го направат во текот на денот, за да можеме веќе од следната недела да им ја исплатиме платата, изјави Јованка Тренчевска, министер за труд.
По постигнатиот договор на СОНК со Владата, се измени и Колективниот договор, каде стои дека за време на штрајк работодавачот е должен на работниците, учесници во штрајкот да им исплати плата во висина соодветна на придонесите и даноците од плата кои ќе се исплатат во износ утврден со посебни прописи на минималната основица за плаќање на придонесите. Ова значи дека придонесите за време на штрајк ќе им бидат исплатени врз основа на минималната плата, што значи од 180 до 400 денари помалку од ден.
Станува збор за околу 2,000 вработени во градинките, кои не згрижуваа дечиња за време на штрајк, иако според законот, беа обврзани на тоа. Со постигнатиот договор и тие ќе добијат зголемување на платите од септември за 15%. Инаку, платата на негувателките во градинките во моментов изнесува 18,821 денар, а на воспитувачките 24.900 денари.