Феномен кој го интригира светот: Зошто луѓето од ова италијанско село живеат подолго од останатите?

|

Молокио, мало село во јужниот дел на Италија, брои околу 2000 жители. Во 2013 година, ова место стигна до насловните страници на многу светски медиуми, а причината е поради тоа што во него можеби живеат најголем број лица постари од 100 години.

Таа година во Молокио живееле дури петмина 100-годишници.

Како што наведува „Forbes“, во тоа време започнало и истражувањето од страна на „National Geographic“ на тема – долговечност. Еден од жителите на Молокио, Салваторе Крузо, кој тогаш имал 106 години, изјавил дека во животот најмногу консумирал грав и смокви и дека речиси никогаш не јадел црвено месо. На прашањето што е тајната на неговата долговечност, тој додал: „Без алкохол, без цигари и без жени“.

Можеби најдобро објаснување за начинот на исхрана дал Доменико Ромео, уште еден жител на селото кој во тоа доба имал 103 години: „Од сè, но по малку“.

Според официјалните податоци, Молокио спаѓа во т.н. сина зона. Станува збор за ненаучен термин со кој се означуваат области во светот во кои луѓето живеат подолго од просекот и во кои се забележани пониски стапки на хронични заболувања. Еден од нив е и островот Икарија во Грција како и полуостровот Никоја во Костарика.

Но, која е тајната? Зошто локалното население живее подолго од 100 години? Сега средствата на ЕУ и американските истражувачи се насочени кон тоа да го истражат ваквиот феномен.

Една од хипотезите е дека лишувањето кое го претрпеле како деца, бидејќи имале малку храна на располагање и дека практично биле присилени да постат подолго време, одиграло исклучително значајна улога во нивната долговечност.

Планираното клиничко испитување ќе опфати 500 испитаници. Тие ќе бидат поделени во 2 групи – едната група ќе консумира храна која ја јадат луѓето со модерни навики, а другата ќе консумира намирници вообичаени за жителите на ова село и тоа во точно одредено време од денот.

Основната цел на ова истражување е да се утврди колкаво влијание има исхраната врз долговечноста на луѓето, но и да се утврди дали постот има некакво влијание. Една од идеите е дека постот помага во процесот на регенерација на клетките и штити од болести кои се поврзуваат со стареењето, како што се на пример дијабетесот и кардиоваскуларните болести.

Меѓутоа, останува прашањето дали луѓето навистина би сакале да ги променат своите навики дури и ако дојдат до сознание за тоа што може да им помогне подолго да живеат, пишува „Forbes“.