По невремето, Центарот за управување со кризи со апел за внимателност

|

Силен дожд проследен со ветар и грмотевици, а некаде и со град денеска зафати делови од земјава, поплавувајќи улици, а во Скопје делови од градот останаа без струја повеќе од еден час.

Како што соопштија од Центарот за управување со кризи на нивната Фејсбук страница, превентивената препорака, односно апелот до граѓаните за внимателност заради силно локално невреме и можни опа сни порои од обилен дожд – се уште постои.

„Денеска уште од претпладневните часови има нестабилност во западните делови од земјава, најпрво во Охридско-Преспанскиот регион, а потоа интензивна линија на нестабилност се разви и се прошири од Полошкиот регион на југ се до Пелагонија. Од појави се забележани пороен дожд, интензивни електрични празнења, како и појава на град во Полошко, известија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР)“, велат од ЦУК.

„До крајот на денот нестабилно ќе биде во поголем дел од земјава, наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголемо количество воден талог), електрични празнења, силен ветер и појава на град.

Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно информацијата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), повторно превентивно апелира и препорачува на граѓаните во земјава да избегнуваат локално движење во и покрај суводолици и други стари корита – водотеци, како и во долови по коишто се слевале порано порои од обилни дождови. Конкретно, концентарацијата на врнежи на одреден простор е со голема веројатност можна во делови на земјава, проследено со силно локално невреме. Постои голема можност да биде голема и опа сна поројната вода по околината таму каде што ќе зафати обилниот локален дожд што се предвидува да падне во делови од земјава. Во населените места се препорачува внимателност при движење покрај висококатници, од коишто заради силен локален ветер е можно да паднат работи од зградите и делови од нивата контрукција, прозорци и покриви.

Од УХМР известија дека викендов земјава на места ќе биде зафатенa од метеоролошка нестабилност со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи и силен ветер, локално во форма на невреме, грмежи и можна појава на град. Дневната температура ќе се намали за неколку степени, а од понеделник се очекува да се намали метеоролошката нестбилност и ќе преовладува потопло време“, стои во објавата на ЦУК.