Српската претставничка на Евровизија, Ана Ѓуриќ Констракта, гостуваше во емисија на ХРТ, чиј водител e Александар Станковиќ.
Констракта беше главна атракција на Евровизија, а на крајот заврши на петтото место, а нејзините стихови „Уметникот мора да е здрав“ гласно ги пееше цела Европа.
На самиот почеток од интервјуто на Констракта, таа откри дека не очекувала целиот нејзин живот да се сврти за толку кратко време.
„Порано живеев во мал стан, но сега ми се резервирани станови со големи соби и тераси“, рече таа, додавајќи дека нејзиниот хит „In corpore sano“ го смета за народна песна и дека и е многу драго што толку многу луѓе се препознале.
Таа не гледа Евровизија
Таа признава дека воопшто не очекувала песната да биде избрана во Србија.
„Но, Европа покажа дека луѓето знаат да препознаат и наградат нешто поинакво“, рече таа.
Таа оценува дека феноменот наречен Констракта ќе трае до крајот на годината.
„Сите ги интересира што има да каже Констракта, но Констракта е обична жена со шишки и бенка“, скромно рече таа.
Иако нејзиниот настап имаше огромно влијание низ Европа и пошироко, интересно е што таа не гледа Евровизија.
„Јас не сум таков тип. Следам како повеќето, што ќе дојде финале, седнуваш и гледаш, се обложуваш кој ќе помине… Таква забава. До оваа година не знаев какви беа правилата или каков беше системот на гласање. Еве, сега и самата ги запознав“, му призна таа на Станковиќ.
Немањето книшка е метафора
Таа во финалето ги доби највисоките 12 поени од Хрватска, што не ја изненади премногу..
„Во неколку наврати пред Торино бев во Хрватска и се почувствував препознаена од народот. Кога Миа Димшиќ беше елиминирана во полуфиналето, очекував уште поголема поддршка“, рече таа.
И на крај објасни што сака да каже со стихот: „Јас немам книшка“. Така открила дека навистина нема здравствено осигурување, па проговори за проблемот со здравството и здравствениот систем.
„Недостигот на здравствена книшка во песната е метафора за несигурноста. Тоа е тема за која треба да се зборува, особено во оваа атмосфера на страв и во свет во кој здравјето се доживува како должност“, рече таа.