Највкусниот летен рецепт: Сармички од тиквички запечени во рерна

|

Конечно е сезоната на омилениот летен зеленчук – тиквички. Од нив можеме да правиме најразлични јадења, па така да заборавиме на киселата зелка, бидејќи сега ви предлагаме фантастичен рецепт за сарми со тиквички.

Се печат само 15 минути, а ако ви е малку, послужете и печени млади компири. Во продолжение на текстот имате рецепт и за двете, па уживајте во феноменалниот вкус.

Состојки: 2 тиквички, 3 сушени домати (по желба), 15 маслинки, свеж босилек, 1 чешне лук, 30 гр презла, 100 г рикота сирење, 2 лажици маслиново масло, 1 кромид, 150 мл сос од домати и 80 г моцарела.

За прилог: 1 кг компири, 2 чешниња лук, француски зачински билки, оригано и мирудија.

Подготовка: Тиквичките исечете ги на многу тенки ленти. Одвојте неколку делчињата што ви се распаднале и ставете ги во блендер, а остатокот премачкајте го со масло и посолете, па оставете го настрана околу 10-15 минути.

Во блендерот додадете ги сушените домати, босилекот, лукот и маслинките, па сè убаво изблендирајте за да добиете кашеста смеса. Потоа додадете ги презлата и сирењето рикота и повторно добро изблендирајте. На крај, додадете го маслиновото масло и промешајте.

Кромидот исечкајте го, па пропржете и сипете го доматниот сос. Сипете по дното на тепсијата и убаво распоредете. Земете четири ленти тиквички и наредете ги една до друга, така што малку да се преклопат, па потоа сипете лажица од смесата и свиткајте во ролнички. Се редат во тепсија и се посипуваат со рендана моцарела. Печете на 180 степени околу 15 минути.

Доколку сакате и прилог, тогаш убаво измијте ги младите компири и наредете ги во тепсија, па додадете оригано, зачински билки, сол, бибер, сечкан мирудија и мелено лукче, а потоа прелијте ги со маслиновото масло. Добро измешајте и печете на 200 степени околу 35 минути. Повремено мешајте ги компирите.