Утре во земјава ќе се задржи многу топло време, попладне со локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи, како и услови за изолирана појава на град, најавуваат од УХМР.
Во текот на следната работна седмица на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), силни електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Температурата ќе биде во опаѓање.
И метеорологот Славчо Попоски излезе со слични информации:
Под влијание на МНОГУ ТОПЛА воздушна маса од Африка, за време на овој викенд времето во Македонија ќе биде сончево и МНОГУ ТОПЛО со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер а има услови и за локална појава на град.
Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 29 до 36 степени, додека утре и тоа во најтоплите предели температурите се очекува да се искачат до близу 40 степени. И во Скопје и околината времето викендов ќе биде претежно сончево, стабилно и МНОГУ ТОПЛО. Во попладневните часови во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Температурите ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 34 и 35 степени, вели метео прогнозерот Славчо Попоски.
Потоа во текот на следната седмица, и тоа под влијание на циклонска активност од запад и југозапад, времето во Македонија ќе биде ОСОБЕНО НЕСТАБИЛНО, на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат ДОСТА ИНТЕНЗИВНИ и во форма на НЕВРЕМЕ, проследено со интензивен пороен дожд (за кратко време поголемо количество на воден талог, кое може да услови нови локални поплавувања), силен ветер, силни електрични празнења и со појава на град кој би можел да биде од поголем пречник. Температурите ќе бележат тенденција на постепено опаѓање.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Со оглед на тоа дека во следниот период повторно очекуваме циклон над Македонија и многу нестабилно време, во случај на појава на електрични празења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така во случај на електрични празења овчарите своите стада да ги делат во помали групи, со цел истите да ги заштитат. Граѓаните кои возат автомобили, истите во случај на силен ветер да не ги ставаат во близина на дрвјата, со цел да не дојде до несакана штета – вели метео прогнозерот Славчо Попоски.