Остатоци од кал и песок се забележуваат по улиците на Тетово и во дворовите на куќите во деловите на градот кои беа зафатени со поплавата минатата недела.
Жителите се уште се справуваат со последиците. Покрај штетите што ги претреа, сега се чувствува непријатна миризба, поради излевањето на фекалната канализација.
Неколку жителки во горниот дел на Тетово сами ги метеле улиците од остатоците од поплаватa, но велат дека собраниот песок со отпад се уште не е подигнат.
Од општина Тетово најавуваат дека ќе започнат со дезинфицирање на сите патишта и објекти.
Според градоначалникот, Биљал Касами, проблемите при обилни врнежи од дожд настануваат поради тоа што многу делови од градот не се одвоени фекалната со атмосферската канализација. Најавува решенија.
Инаку во Општината се пријавени над 130 случаи на штети направени од поплавите, од кои најголем дел индивидуални објекти, како и деловни простории, јавни објекти и површини. Од понеделник комисијата за проценка ќе излезе на терен.
Данијела Билбилоска