Голем шумски пожар во близина на атинска населба, се евакуираат жителите

|

Преку бројот 112 за итни случаи, Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција побара од жителите на атинската населба Ано Вула во јужниот дел на градот да се евакуираат, поради големиот пожар што попладнево избувна во подножјето на планината Имито и брзо од една, се прошири кон друга населба, јави дописничката на МИА од Атина.

Неофицијално, огнените јазици стигнале до дел од домовите, гори една куќа, а освен испратената смс порака, претставници на противпожарната служба и на полицијата, одат од куќа до куќа и бараат од граѓаните да ги напуштат нивните домови.

Во гаснењето на пожарот интервенираат 72 пожарникари со три пешадиски тима, 20 возила, а повремено интервенираат и шест авиони и три хеликоптери, додека пак помагаат волонтери пожарникари и цистерни од општините.

Силниот ветер дополнително ја отежнува работата на пожарникарите.