Ладнокрвен маскиран велосипедист е подметнувачот на пожарот во „Ванчо Михајлов“- тврди бугарската министерка според која пироманот се повредил од огнот

ИЗВОРТелма
|

Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска тврди дека ги видела снимките од палењето н влезната врата на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

-На снимките на една од камерите можев да видам човек кој мирно пристигнува со велосипед, вади полн сад со запалива течност и мирно ја истура течноста пред вратата од куќата. Оваа смиреност беше малку нарушена, бидејќи пожарот што избувна беше огромен, се исплаши, се сомневам дека лицето има некои повреди од овој пожар, можеби ќе побара лекарска помош. Човекот носеше маска, изјави за бугарските медиуми Теодора Генчовска, министерката за надворешни работи на Бугарија која е во дводневна официјална посета на Македонија.

Според неа „ова дело е направено ладнокрвно, смислено и намерно“. Генчовска по инцидентот со палењето на влезната врата на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола вчера имала средба и со раководителот на битолската полиција од кого побарала детални информации.

-Штом дознав на нашата средба со Бујар Османи за палењето на домот за култура, заминав за Битола. На лице место се сретнав со директорот на битолската полиција. Ви благодариме за брзата реакција и на противпожарната бригада и на полицијата, дежурниот обвинител. Директорот на полицијата се обврзува да вложи максимални напори за откривање на сторителот на овој немил и вандалски чин, изјави Генчовска за БГНЕС.

Таа не верува дека овој инцидент ќе влијае на односите на Бугарија со PCM.

-Во моментов нашите односи се конструктивни, има нормален работен дијалог. Двата тима работат напорно и потребни се многу часови. Продолжуваме да се обидуваме да најдеме решение за отворените прашања во спроведувањето на Договорот за добрососедство, коментира бугарската министерка за надворешни работи.

Палењето го осудија сите владини претставници во Македонија, а во Скопје и покрај инцидентот продолжи дводневниот состанок на тимовите не МНР во рамките на преговорите за добрососедство меѓу двете држави. Тимовите ги предводат шефовите на дипломатијата Бујар Османи и Генчевска.