Полицијата ќе се подмладува, МВР распиша конкурс за нови 600 вработувања. Големиот бран на нови полицајци следува откако МВР преживува друг бран, пензионерски. Во две години околу 1400-тини полицајци заминуваат во пензија со бенефициран стаж. Десетина сектори и оддели во МВР веќе добија нови началници и раководители. Но, пензиската дупка во МВР допрва се шири на раководните позиции, а власта се обидува да ја прескокне со законски измени и дозвоолено напредување од три позиции што според опозицијата пак значи партизација во полициските врвни ешалони.
600-тини нови полицајци бара МВР преку оглас.
Најмногу се за во Скопје, вкупно 100 нови полицајци треба да бидат вработени во главниот град, а 70 се за источна Македонија односно во СВР Штип.
Полицајците треба да се обврзат дека ќе работат таму за каде ќе се пријават откако во претходните години, многу полицајци од внатрешноста поради напорната работа во Скопје одлучуваат и добиваат трансфер во родните места каде има помалку работа за полицијата.
МВР го објави огласот, во кое се пропишани условите-машките кадети треба да бидат минимум 175 сантиметри високи, а девојките –полицајки минимум 10 сантиметри пониски од нив односно 165 сантиметри.
Никој од кандидатите не смее да биде член на политички партии ниту член на органи и тела на политичка партија.
Од МВР одговараат дека големата бројка е врз основа на потребите на полициските единици, а 600-тини вкупно кандидати е максималниот капацитет на Центарот за обука во Идризово.
Причина за огромната дупка во полициските редови е поради големиот пензионерски бран во МВР, овие неколку години одат стотици полицајци кои се вработени во првите години по независноста. За полицајците важи бенефицираниот работен стаж и вообичаено одат во пензија на возраст од околу 50 години.
-ПРИРОДНИОТ ОДЛИВ НА РАБОТНИЦИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ПО ОСНОВ НА ПЕНЗИОНИРАЊЕ ВО 2021 ГОДИНА ИЗНЕСУВА ВКУПНО 513 РАБОТНИЦИ. ДОДЕКА ЗА 2022 ГОДИНА СЕ ПРЕДВИДЕНИ 877 РАБОТНИЦИ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРААТ, СО МОЖНОСТ И ОЧЕКУВАЊЕ ДЕКА БРОЈКАТА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА ИМАЈЌИ ВО ПРЕДВИД ДЕКА ПО ОДРЕДЕНИ ОСНОВИ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ ОДЛУКАТА НА РАБОТНИКОТ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРА Е НА НЕГОВО ЛИЧНО БАРАЊЕ, НИ ОДГОВОРИЈА ОД МВР.
Од МВР не ни одговорија дали ќе се бараат законски измени за бенефицираниот пензионерски статус на полицајците кои се единствен сектор во државата со таа привилегија за одење во пензија.
Повеќе десетина началници и раководители заминаа во пензија, а не ретко и нивните наследници кои се поставени на чело на секторите, како например во СВР Скопје се на неколку месеци до пензионирање.