Државниот инспекторат за животна средина испорача нова забрана за користење на котелот за пелети на кочанската фабрика за хартија „Пејпер Мил“. Се бара во производството да користи гас и тоа во рок од еден месец, по што ќе се направат мерења. Со новите мерења на воздухот, утврдено е дека од фабричкиот оџак излегува поголемо количество на јаглероден моноксид од предвиденото со А-интегрираната дозвола.
„ДОКОЛКУ СУБЈЕКТОТ НЕ ПОСТАПИ СОГЛАСНО СО РЕШЕНИЕТО НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И НЕ ГИ ОТСТРАНИ ПРИЧИНИТЕ ЗА НАСТАНАТАТА СОСТОЈБА УТВРДЕНИ СО РЕШЕНИЕТО, ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЌЕ ПОДНЕСЕ БАРАЊЕ ЗА ПОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА ПРЕД НАДЛЕЖНИОТ ОРГАН ИЛИ СУД, ОДНОСНО КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРЕД НАДЛЕЖЕН ОРГАН ИЛИ СУД, КАКО И ОТПОЧНУВАЊЕ ПОСТАПКА ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА ДОБИЕНАТА ДОЗВОЛА СОГЛАСНО ЧЛЕН 200 СТАВ (4) ОД ЗАКОНОТ ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА“, ПИШУВА ВО РЕШЕНИЕТО НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА.
Граѓанските активисти ја поздравуваат одлуката на инспекторатот. По низата на протести почнаа и собирање на потписи, кои ќе ги достават до сите амбасади во земјата и ќе бараат меѓународна поддршка да се реши загадувањето на воздухот од оваа фабрика.
Активистите се уште чекаат на одлука на Обвинителството во Кочани во врска со пријавата поднесена пред две години со која се бара да се утврди дали има одговорност за аерозагадувањето од оваа фабрика. Собираат медицинска документација, но се на став дека институциите треба да направат научна студија и да ги утврдат последиците по здравјето на жителите на Кочани.
Викторија Јованова