Околу 40 до 50 метри квадратни гипс картон паднал од таванот на новиот објект „Јасмин“, во градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе. Хаваријата која настанала во две занимални во текот на викендот, утрово први ја забележале вработените кога дошле на работа. И нашата екипа наиде на паднати блокови гипс картон. Дел од нив висат заедно со парчињата тервол на таванот од едната занимална, а во другата висат неонките како единствени сведоци на предизвиканата штета која се простира и на подовите. Никој не е повреден, а децата се згрижени во стариот објект на градинката, вели в.д. директорката.
„УТРОВО КОГА ДОЈДОА КОЛЕШКИТЕ НА РАБОТА ВО НАШИОТ ОБЈЕКТ „ ЈАСМИН“, ГО НАЈДОА СРУШЕН ТАВАНОТ НА ГРАДИНКАТА ОД ОБЈЕКТОТ. ТАКА ШТО ДЕНЕСКА ВО ТОЈ ОБЈЕКТ НЕ ГИ ПРИМАМЕ ДЕЧИЊАТА КОИ ШТО ТРЕБАА ДА БИДАТ ЗГРИЖЕНИ. СИТЕ ДЕЧИЊА СЕ ЗГРИЖЕНИ ВО ОБЈЕКТОТ ШТО Е ДО НАС. ВОСПИТНИОТ ПРОЦЕС НА ДЕЦАТА СЕ ОДВИВА НОРМАЛНО. ОБЈЕКТОТ МОМЕНТАЛНО ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ДОДЕКА СЕ САНИРА“, ИЗЈАВИ ТАТЈАНА БОЖИНОВСКА –МИЛАДИНОВСКА- В.Д. ДИРЕКТОРКА НА ГРАДИНКАТА „МАЈСКИ ЦВЕТ“
В.д. директорката се сомнева дека причина за паѓањето на дел од таванот е или начинот на кој бил изведен или запушените олуци, за кои вели дека последен пат ги чистиле во ноември.Градоначалникот на општина Карпош, кој направи увид на оштетениот објект вели дека ќе ја разгледаат понудата за изградба на објектот „ Јасмин“, за да откријат дали се направени некои пропусти при проектирањето. Но, Јакимовски смета дека има две причина за хаваријата и дека неодржувањето на олуците е клучна причина.
„ДЕЛ Е ТЕХНИЧКИ НЕДОСТАТОК, ВО СМИСЛА НА ЛОШ ПАД НА ОЛУЦИТЕ ЗА ОДЛИВ НА ВОДАТА И СЕ ОНА ШТО СЕ СОБИРА ВО ТОЈ ОЛУК. ЗАТОА ШТО ИМАМЕ Т.Н. СКРИЕН ОЛУК. ТИЕ СЕ ПРИЛИЧНО ПРОБЛЕМАТИЧНИ ВО ВАКВИ СИТУАЦИИ. И ВТОРАТА РАБОТА Е ШТО РАКОВОДСТВОТО НА ГРАДИНКАТА НЕ ГИ ЗАДОЛЖИЛО ДОМАРИТЕ , ХАУС МАЈСТОРИТЕ ДА СЕ КАЧАТ ГОРЕ И ДА ГО ИСЧИСТАТ ОЛУКОТ. АКО ОЛУКОТ БИЛ ИСЧИСТЕН, AКО СО САЈЛА БИЛО ИСЧИСТЕНО И НАДОЛУ ВО СЛИВНИКОТ КАЈ ШТО БИЛ, СИГУРНО НЕ БИ ДОШЛО ДО ОВАА СИТУАЦИЈА, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КАРПОШ“, СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ.
При увидот е утврдено и дека на еден дел од таванот е ставен гипс картон без изолација, а и таа била недoволна. Градоначалникот стапил во контакт со надзорот, ангажиран при изградбата на објектот. Тој му кажал дека проблемот е во скриените олуците и дека со поголем промер на одливот и со добар пад на олуците немало да се случи овој проблем.
Новиот објект „Јасмин“ го градеше фирма од Тетово, а беше пуштен во употреба во декември 2018 година. Останува надлежните од Општина Карпош да ги откријат причините за паднатиот дел од таванот, како и висината на направената материјална штета што треба да се покрие.
Сотир Трајков