Волт Дизни не успеа да добие одобрение за прикажување на новиот филм на Pixar „Lightyear“ во 14 земји од Блискиот Исток и Азија поради „истополов бакнеж“, а прашање е дали ќе се прикажува во Кина.
Продуцентката на филмот „Lightyear“ изјави за Ројтерс дека властите во Кина побарале отстранување на одредени сцени, што Дизни одби да го направи, а таа претпоставува дека филмот нема да се прикажува ниту таму.
„Lightyear“ е продолжение на прославената франшиза на Pixar „Toy Story“. Најновиот филм ги следи авантурите на познатиот „Баз Лајтјир“, но е забранет во различни земји на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.
Наводно, одлуката е поврзана со сцената на истополовиот бакнеж. Имено, блиска пријателка на Баз се жени со друга жена, а една сцена го вклучува нивниот краток бакнеж.
Обединетите Арапски Емирати соопштија дека врската на двојката ги прекршила стандардите за медиумска содржина во таа земја. Хомосексуалноста се смета за криминал во многу земји од Блискиот Исток.
Дизни не добил одговор од кинеските власти дали ќе дозволи прикажување на филмот, изјави продуцентот на „Lightyear“ Галин Сасман. Сепак, рече дека авторите нема да го менуваат филмот. Кина во минатото отфрлаше други прикажувања на хомосексуалноста на екраните.
„Ништо нема да скратиме, особено нешто толку важно како љубовната и инспиративната врска што му покажува на Баз што му недостига поради одлуките што ги носи, па тоа нема да биде отстрането“, рече Сасман.